Дали е ова крај: Рафаел Надал со нова повреда!

Рафаел Надал се соочува со нова сериозна опасност за предвремен крај на кариерата откако шпанската тениска легенда заработи нова повреда, и тоа непосредно пред почетокот на сезоната на земјена подлога која важи за омилена за Надал.

Тој нема да настапи на претстојниот турнир во Монте Карло, а весникот „Спорт“ обелодени дека причината е незгодната повреда на грбот поради која Надал не можел нормално да тренира во последните десетина дена. Тоа е најнов во серијата проблеми откако Рафа минатиот месец беше принуден да го откаже настапот на Мастерс-турнирите во Индијан Велс и во Мајами.

Најоптимистичките прогнози велат дека Надал нема  да игра ниту во Мадрид и Барселона, но би можел да настапи на турнирот во Рим што ќе почне на 6 мај, две седмици пред стартот на Ролан Гарос. Желба на Шпанецот беше токму на својот омилен турнир да се обиде да стигне до нова гранслем титула, но тој не е убеден дека би можел да ја добие оваа трка со времето.

Надал во неколку наврати повторуваше дека би играл само доколку се чувствува максимално подготвен, а доколку повредата се искомпликува и тој не е „фит“ за настап во Париз, многу лесно може да се случи тениската легенда предвреме да објави крај на кариерата, откако претходно најави дека оваа 2024 ќе биде годината кога тој ќе му каже збогум на тенисот.

Се вчитува...