Далиќ: Време е да викнам некои нови играчи, бевме лоши сите, од прв до последен…

Хрватската спортска јавност е шокирана од слабите изданија на „коцкестите“ во октомвриските квалификации, откако поразите од Турција и од Велс придонесоа оваа селекција да падне на третото место во групата и сега сериозно да стравува за својот пласман на ЕВРО 2024.

Прв на удар очекувано се најде селекторот Златко Далиќ, многумина почнаа да се сомневаат во стручноста на стратегот кој ја одведе Хрватска до едно мундијалско финале и едно полуфинале. Далиќ пак, ја презема одговорноста за слабите игри, дефинитивно најслаби изданија на Хрватска откако тој е на клупата на националниот тим.

„Вакво нешто ни се нема случено, да бидеме толку лошо, без енергија, агресија, без никаква идеја. Да не создадеме шанса за гол на два натпревара, тоа делува неверојатно, но нам ете ни се случи. Многу играчи се надвор од форма, на дел од фудбалерите не можевме да сметаме поради повреди, но тоа не е никаков изговор, и на двете средби не одигравме ниту дел од она за што сме способни. Не може да се каже дека разочарале поединци, бевме лоши сите, од прв до последен – а морам да почнам од самиот себе“, изјави Далиќ.

Тој најави дека за ноемвриските квалификациски натпревари ќе повика неколку нови фудбалери, одлука што самиот ја одложувал веќе извесно време.

„Факт е дека одигравме неверојатно лошо и мораме да бараме подобри решенија. И претходно сакав да викам нови играчи, но беше тешко да менувам кога репрезентацијата имаше добри резултати. Сега дојде моментот за одреден рез, ќе морам да донесам одлука и да повикам неколку нови фудбалери, за да тргнеме со свежа енергија. Не сакам сега да обелоденувам имиња, но дефинитивно сите мораме да излеземе од комфорната зона, јас како селектор и играчите кои имаат квалитет и освојуваа медали со репрезентацијата. Сега сме во ситуација „ да се биде или не“, време е за реакција“, најави Златко Далиќ.

Се вчитува...