Дамјан е број 1 во третото коло од АБА2

МЗТ Скопје има максимални 3-0 по првите три кола од АБА2-лигата, а најдобар доказ за извонредниот старт на сезоната на „металците“ е фактот дека МВП-кошаркарот и во третата рунда доаѓа токму од редовите на македонскиот првак.

Репрезентативец Дамјан Стојановски е најкорисен кошаркар во третото коло, по одличното издание на капитенот на МЗТ на дуелот со Рогашка. Стојановски го заврши мечот со 18 поени, девет скокови, пет украдени топки и две асистенции, за вкупно 29 индексни поени за 33 минути на теренот.

Претходно, Нуни Омот беше МВП на првото коло во АБА2 лигата, а најкорисен играч на втората рунда беше Американецот на МЗТ Скопје, Џабари Хиндс.

Се вчитува...