Дамјан: На мак-баскетот му се потребни вакви натпревари, од срце верувам во опстанок во АБА1

Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, не го криеше задоволството од остварениот успех со новиот пехар од Купот на Македонија, вкупно осми во кариерата на долгогодишниот македонски репрезентативец.

Според Дамјан, победата и трофејот ќе бидат важни за дополнително кревање на атмосферата во тимот пред наредните предизвици, битките за опстанок во АБА1-лигата.

„Она што беше најважно е да го освоиме трофејот, знаевме дека ќе биде тешко бидејќи во финалето се нема простор за „кикс“. Бевме свесни дека мораме да одиграме на 100% од почеток до крај, го остваривме тоа и заслужено стигнавме до пехарот. На македонската кошарка и требаат повеќе вакви натпревари, квалитетни средби со полни трибини и спортска атмосфера, само така можеме да одиме напред. Пред нас сега е предизвикот за опстанок во АБА1, од срце верувам дека ќе успееме во желбата да стигнеме до неколку победи за и во следната сезона да бидеме дел од ова регионално натпреварување“, изјави Дамјан Стојановски.

Тој ја поздрави и клупската политика на ривалот Феникс 2010, тим што им дава шанса на млади играчи од сопствената школа да блеснат на прволигашката сцена.

„Јас секогаш сум велел дека во Македонија има квалитетни кошаркари, млади таленти имало и ќе има, само треба да се има желба да се работи со нив, да им се даде шанса и да се истрпат дури и кога грешат. Тоа е единствениот начин македонска кошарка да се движи напред“, порача капитенот на МЗТ Скопје.

Тренерот Драган Николиќ им се заблагодари на навивачите за поддршката што ја добива откако седна на клупата на „металците“.

„Јас немам зборови за да им се заблагодарам на навивачите што го скандираа моето име. Феникс го направи ова финале многу големо, одиграа одличен натпревар во кој можеа да уживаат сите искрени кошаркарски фанови. Горд сум на сите во МЗТ Скопје, но ова е само прв чекор за нас. Пред нас се уште две големи цели, остануваме фокусурани, но на секого му посакувам еден ден да се чувствува како јас денеска“, истакна Николиќ.

Се вчитува...