Дамјан против Војдан – МЗТ на силен турнир во Турција

Двајцата македонски репрезентативци, близнаците Војдан и Дамјан Стојановски, немале многу можности за меѓусебни дуели низ кариерата, но ќе имаат шанса за такво нешто на турнирот што ќе се одржи во Истанбул на почетокот од месец септември.

Имено, раководството на МЗТ Скопје ја прифати поканата на тимот на Бујукчекмече, за кој летово потпиша Војдан Стојановски, да биде дел од турнирот во организација на овој клуб, во кој уште ќе учествуваат и турскиот прволигаш Истанбул, како и хрватскиот клуб Цибона.

Предвидено е полуфиналните средби да се играат на 6 септември, а МЗТ ќе се сретне со Бујукчекмече, во пресметката на браќата Стојановски. Дамјан се уште се рехабилитира од тешката повреда на коленото заработена минатото лето, но се очекува до септември тој да биде подготвен за камбек на кошаркарските терени.

Пресметките во турската престолнина ќе бидат одлична можност за новиот тренер на „металците“, Александар Тодоров, да ги провери можностите на својот тим пред настапот во исклучително силната АБА-лигата сезонава, која стартува на 30 септември.

Се вчитува...