Даниел Мојсов: Се чувствувам одлично во Брегалница, треба трпеливо без залетување да го градиме успехот во Првата лига

Брегалница повторно во Првата лига. „Сините“ во недела против првиот фаворит за титулата Шкупи од 17:30 часот на Градскиот стадион во Штип го почнуваат својот нов пат во прволигашката конкуренција.

Повратникот во македонскиот фудбал, поранешниот репрезентативец Даниел Мојсов, како големо засилување за Брегалница, без сомнение, треба да биде една од клучните фигури кон позитивните резултати престојнава сезона. Но, Мојсов искусно потенцира дека не треба да се залетува а тимот треба полека чекор по чекор да го гради својот пат до успехот.

„Се чувствувам одлично во тимот на Брегалница, клуб кој очигледно е поставен на едно навистина високо ниво. Дојдов тука како дополнително би допринел за остварување на амбициите на клубот. Желбата на сите нас се успешни настапи во првата сезона по враќањето на тимот во елитата, и без залетување освојување на што поголем број бодови. Но, треба да се остане цврсто на земја, трпеливо и без еуфорично залетување затоа што е јасно дека во Првата лига има голем број екипи со повеќе од сериозен квалитет“ – вели Мојсов, кој треба да биде столбот на одбраната на „сините“ заедно и со хрватскиот интернационалез Антонио Азиновиќ.

Шкупи, без сомнение, ја носи фаворитската улога на натпреварот од 1. коло во недела, но секој во таборот на Брегалница секако верува во сопствените квалитети.

„Посакуваме добар натпревар на отворањето на сезоната пред нашите навивачи. Желбата е да се дојде до позитивен резултат, иако знаеме дека Шкупи е навистина квалитетна екипа. Но, од друга страна минавме добри подготовки и ги знаеме нашите цели. Свесни сме дека мора да се дадеме максимумот ако сакаме позитивен старт на сезоната, свесни сме дека мора со заеднички сили на терен да атакуваме на бодовите во текот на целата сезона“ – истакнува Даниел Мојсов.

Се вчитува...