Данило Брестовац: Ни фали сила, но ќе бидеме подготвени за полуфиналето

Во тежок и до крај неизвесен натпревар македонските младинци славеа минимална победа против Украина (28-27) која им обезбедува полуфинале на ЕХФ шампионатот (У20) што се одржува во Скопје и шанса да се борат за првото место и за пласман на младинското ЕП наредната година.

За разлика од доминантната игра и убедливата победа во претходниот дуел со Швајцарија, овој пат македонските репрезентативци имаа многу повеќе мака да дојдат до триумф против Украина. Според селекторот Данило Брестовац, тоа во голем дел се должи на слабата физичка подготвеност на играчите.

Искрено, очекував ваков тежок натпревар. Не мислев дека ќе отвориме така лесно како против Швајцарија. Комплетно поинаква екипа има Украина, малку се потешки, со одлични шутерски способности, со јаки шутеви… моравме да ја држиме средината затворена. Моравме да играме малку поризично со таа 5-1 зона, тука требаше и голманот малку повеќе да ни помогне. Денеска ја немавме таа помош од Петковски, со измената Кизиќ кога влезе, фати неколку клучни топки доволно да ја направиме таа минимална предност и да влеземе во завршницата колку-толку помирни. Им честитам на моите момци, имаме пет играчи кои имаа поштеда овие два дена, имаа некои ситни повреди“ – сумира селекторот на македонската репрезентација по дуелот со Украина.

Со три победи и едно реми со Италија, Македонија во полуфиналето влегува како првопласирана во групата Б и за финале ќе игра против слеекцијата на Фарски Острови која го обезбеди второто место во групата А. Она што Брестовац го потенцира како најголем проблем пред завршните дуели е физичката подготвеност на играчите.

Кога ќе ја видам нивната физичка подготвеност, ме загрижува. Ова им е четврти натпревар за недела дена и мислам дека им е навистина напорно. Проблем ни е физичката подготовка што играчите ја немаат во базата. Ќе се обидеме да се подготвиме за натпреварот со Фарски Острови во полуфиналето. Ќе го искористиме овој ден пауза да се рекуперираме и да се подготвиме на најдобар можен начин“ – вели Брестовац.

Полуфиналето меѓу Македонија и Фарски Острови на програмата е в сабота со почеток во 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Се вчитува...