Данска е прв финалист, Црна Гора немаше сили за изненадување во Љубљана

Данска е првиот финалист на ЕП 2022 за ракометарки откако скандинавките во полуфиналето во Љубљана ја совладаа Црна Гора со резултат 27-23. Црногорките најавуваа дека се подготвени за изненадување, но одличните почетни десетина минути во двете полувремиња беа недоволни за да се земе скалпот на фаворитот.

Црна Гора почна одличнo на стартот, поведувајќи со 3-6. Оваа селекција доби и предност од играч повеќе, но токму во тие две минути Црногорките направија низа грешки, по што Данска успеа да се врати. „Црвено-белите“ доминираа до крајот на полувремето и заслужено на одмор заминаа со убедлива предност од 14-10. Почетокот на вториот дел повторно беше во знакот на балканската селекција, која ги затвори приодите кон сопствениот гол и успеа да израмни на 14-14.

И повторно, стартот на полувремето беше се што Црногорките успеаја да сторат, бидејќи Данска набрзо го пронајде посакуваниот ритам, заигра одлично и во нападот и во одбраната, успевајќи да се одлепи. Црна Гора во последните десетина минути се обиде и со „седум на шест“, се приближи на три гола разлика, но во клучните моменти не успеа да ја совлада Рајнхарт и мечот на крајот заслужено заврши со триумф на Данска, со конечни 27-23.

Фрис со седум и Хојлунд со шест погодоци беа најефикасни во победничката селекција, додека Јауковиќ и Грбиќ постигнаа по седум гола за Црна Гора.

Во второто полуфинале вечерва во 20.30 часот силите ќе ги одмерат Франција и Норвешка.

Се вчитува...