Данска ја доби „битката на џиновите“ пред ЕП 2020

Данска уште еднаш покажа зошто важи за главен фаворит за златото на претстојниот европски шампионат откако актуелниот олимписки и светски првак триумфираше на „Златната лига“, во финалето совладувајќи ја Франција со 31-30.

Селекторот Јакобсен се мачи со повреди на неколку ракометари, но данскиот состав е добро покриен на секоја позиција, па така на денешниот меч блесна Дамгард, кој со десет погодоци беше незадржлив за „триколорите“. По полуфиналниот триумф над Норвешка, Данците вечерва повторно одиграа на највисоко ниво во текот на целиот натпревар. Тие имаа предност од 17-14 по првото полувреме, а потоа ја задржаа позитивата до самиот крај. Французите се приближија на 30-29, но Дамгард го постигна клучниот погодок пред самиот крај за да стави печат на данската победа.

Норвешка во мечот за третото место ја совлада Србија со 38-28, втор двоцифрен пораз на Србите на овој турнир. Сагосен ги предводеше Норвежаните со девет гола, додека прв стрелец на Србија беше Радивојевиќ со десет погодоци.

Се вчитува...