ДАРКО ПАНЧЕВ – АНАЛИЗА: Секоја чест момци!… А сега, да го наполниме „Градски“!… Го заслужуваат тоа!

Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за ЕКИПА ги анализира настапите на македонската репрезентација низ квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2026

========================================

Феноменално, фантастично, браво… Ако треба да се напише со неколку зборови синоќешниот натпревар со Белгија! Поубава честитка за денешниот голем празник не можевме да добиеме! Вреди да се прослави и да се запамети. Не треба многу анализи. Беше совршен натпревар, токму за остварување на целта!

Натпреварот беше одигран во стил кој можеби не е многу популарен за пошироката јавност фудбалски љубители, но едноставно некогаш е продуктивен кога се очекува резултат, а посебно во ситуација кога игравме против една извонредна репрезентација на која не смеете да и оставите многу простор. Веројатно и факт е дека доколку оставевме повеќе простор за игра на офанзивците на Белгија, само неверојатниот Доку, кој е извонреден дриблер и еден на еден играч, ќе влезеше, метафорично кажано, најмалку двапати „со топка во гол“. Затоа, и треба да бидеме свесни, дека селекторот Благоја Милевски на секој натпревар подготвува тактика согласно противникот, а и кога ги анализираме тактичко-техничките определби на стручниот штаб треба да знаеме и дека половина од репрезентативците не ни се стандардни во своите екипи. Па, Милевски веројатно многу добро знаеше дека мора да се определи на една ваква варијанта за да се обидеме да издржиме, и успеавме во тоа. Во суштина, токму поради таа игра, и Белгијците не создадоа некои 100% шанси за гол, посебно во првото полувреме, единствено во вториот дел кои со малку среќа успеавме да ги одбраниме. И, затоа ова е феноменален бод кој може да биде значаен за најмалку освојување на второто место во групата, и бараж за СП 2026.

Па затоа, од аспект на организација на игра, креирање можности за гол, нема многу да го коментираме натпреварот затоа што сите добро го гледавме и видовме каква беше играта. Но, од аспект на верба во себе, борбеност, желба за максимална игра во националниот дрес и залагање, тогаш навистина момците заслужија чиста десетка! Да се издржи таков притисок речиси 100 минути и да се остане непоразен, оние што играле фудбал знаат дека, воопшто не е лесно. Затоа од тој аспект секоја чест за момците, а плус што веќе и 13 едноподруго натпревари немаат пораз. И посакувам тоа и да продолжи и на следните натпревари, а селекторот Милевски, мислам дека овој рекорд ќе го држи долго, долго… Во секој случај, синоќа бевме сведоци на уште еден доказ дека кога нешто посакуваш од срце, кога искрено даваш се од себе и се бориш за истото тука е и фортуната да ти помогне. А, на Македонија тоа заслужено и успеа!

СТОЛЕ ДИМИТРИЕВСКИ ДОКАЖА ДЕКА ДОЖИВУВА ЕДНА ГОЛЕМА НЕПРАВДА ВО ВАЛЕНСИЈА!

Мора во овој случај посебно да се пофали одбраната за синоќешниот натпревар, која изнесе максимално еден голем товар. Секоја пофалба и за Зајков, и за Муслиу, и за Стојчевски, и Алиоски и Ашковски…, а секако предводени од Столе Димитриевски! Столе уште еднаш докажа дека во Шпанија доживува една голема неправда од страна на Валенсија. Сам им покажа повторно дека, и покрај тоа што не брани, е во една одлична голманска „кондиција“ и носи сигурност во тимот во кој настапува – во овој случај на среќа на нашата репрезентација!

Но, секако, мора да се пофали и средниот ред предводен од Барди, а дополнет со Атанасов и Костадинов, а не смее да се заборави дека и Елмас и Миовски беа силно вклучени во помош за да се одбраниме од една моќна Белгија. Затоа, уште еднаш, од тој аспект сите заслужуваат чиста десетка!

ДА ОСТАВИМЕ ФУДБАЛЕРИТЕ, СЕЛЕКТОРОТ И ФЕДЕРАЦИЈАТА МИРНО ДА СЕ ФОКУСИРААТ ЗА МЕЧОТ СО КАЗАХСТАН, А НИЕ ДА ГО НАПОЛНИМЕ „ГРАДСКИ“

Сега, повторно се враќам на тоа што го кажав пред натпреварот. За нас најважен натпревар е овој против Казахстан во Скопје! Затоа сега на ред е нашата навивачка армија, да го наполни стадионот и да има даде силна поддршка на овие момци. Затоа што сега е моментот кога ќе се демонстрира фудбалското заедништво како начин да им се даде крилја на репрезентативците да дојдат до трите бода. Со тие три бода ние ќе имаме 15 бода, а дуелот меѓу Велс и Белгија, кој ќе се игра во исто време, може и тоа како „да ни помогне“ да останеме со сериозни шанси и за првото место во групата! Се отвора една огромна историска перспектива пред нас, и затоа на овие момци треба да им помогнеме да го остварат тоа!

Момци уште еднаш честитки! Не направивте горди! Не треба многу да ги советуваме, веќе искусни се, знаат дека имаат квалитет, знаат дека зад себе имаат одличен селектор и стручен штаб и федерација која пружа одлична поддршка. Затоа, да ги оставиме нив, селекторот и федерацијата овие 48 „долги“ часа да се фокусираат на новиот предизвик а ние да уживаме во моментот и да го наполниме Градски. Го заслужуваат тоа! И да се организираме добро за прославата по натпреварот во понеделник на уште еден успех во континуитет на оваа извонредна генерација со која се гордееме сите заедно!

Се вчитува...