Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за ЕКИПА ги анализира настапите на македонската репрезентација низ квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2026
Што може да се каже после една ваква партија на Македонија? Воодушевени сме сите, и ние како поранешни фудбалери, и медумите, и сите оние 30.000 навивачи на нашиот најголем стадион, а верувам и сите искрени љубители на фудбалот. Навистина една прекрасна вечер во Скопје, уште еден извонреден тактички, храбар и силно мотивациски натпревар на момците, заокружен на најдобар можен начин со феноменалниот гол на Алиоски во манир на најголемите врвни стрелци од светот на фудбалот. Навистина тежок гол за постигнување, влез од позадина со топка од зад грб, но со вистински мајсторски волеј-потег успеа да постигне гол кој ќе остане за фудбалската антологија на Македонија.
Најмалку што заслужи Македонија е бод од натпреварот со Белгија. Феноменален меч на момците. Навистина оваа генерација созреа на најдобар можен начин. Навистина, како што нагласував и претходно многупати изминативе две години, оваа генерација знае што сака. Навистина оваа генерација има една спортска дрскост и против најдобрите светски репрезентации, со гордо подигната глава се спротиставува на секого, обидувајќи се да игра на најдобар можен начин против нив и да победи на секој натпревар.
Овој натпревар против Белгија на најдобар можен начин демонстрираше зошто сите години наназад ја нагласувам неверојатно позитивната улога на селекторот Боби Милевски во македонскиот репрезентативен фудбал, и зошто ми се допаѓа неговата работа. Затоа што со играта која ја гради постојано откако е на селекторската функција се обидува да биде на ниво на најголемите европски селекции, иако објективно сме ние далеку од нив… Но, под негово водство, очигледно е дека сакаме да играме, и многу често успеваме во тоа. Затоа… Браво за Милевски, кој веќе и дрско, против секој колега од занаетот од спротивната страна, го покажува своето фудбалско знаење но и умеењето за спроведување на своите тактички идеи во зависност од тоа кој ни е противник. Браво за храброста постојано да промовира нови играчи кои и тоа како ги оправдуваат повиците, како Илиевски, Митревски, Елези, а претходно и Миовски, Алими, Ќамили. А, сега и извонредно деби на младиот Андреј Стојчевски. Па, тој начин на работа едноставно не може да не донесе успех.
ГЕНЕРАЦИЈА КОЈА ПОКАЖУВА НЕВЕРОЈАТНА СПОРТСКА ДРСКОСТ, ГЕНЕРАЦИЈА КАЈ КОЈА ЖЕЛБАТА ДА СЕ ИГРА ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА Е ДОВЕДЕНА ДО МАКСИМУМ
Мене ми е посебно задоволство и што оваа генерација низ овие натпревари во квалификациите за СП 2026 покажува дека оние резултати во Лигата на нациите ниту најмалку не биле случајни, и не случајно оваа генерација ја внесе Македонија во Б-дивизијата од Лигата на нации. Неверојатно впечатливо и колку дебитанти се појавија токму овие неколку години, и колку кај секој од нив се очигледни квалитетот и желбата, избрани со мерка. Ми се чини дека желбата да се игра за репрезентацијата, како никогаш досега, е доведена до максимум. Тоа го покажува секој кој е повикан од Милевски, и без разлика дали игра 85 минути или 5 минути. Навистина, секоја чест!
Сега, мој совет е, а тоа најдобро го знае селекторот, е добар одмор пред мечот со Казахстан и што побрзо да се заборави натпреварот со Белгија. Секако е јасно дека нема така лесно да го заборавиме, затоа што беше еден од убедливо најдобрите натпревари, против селекција од ваков ранг, кои Македонија ги одиграла во историјата, но едноставно овие три дена мора да се заборави! Затоа што во понеделник не чека најважниот, ми се чини, натпревар во квалификациите против Казахстан на гости. Ако одиграат момците како против Белгија имаме навистина сериозни шанси за победа во Казахстан, а со таа победа, пак, и тоа како би биле веќе сериозни кандидати за водечките две позиции во групата. Да бидеме реални, Белгија има најсилен состав, и сосема веројатно ќе завршат како првопласирани во групата, но ние можеме да се бориме за второто место кое исто така е одличен резултат кој ќе не однесе во баражот за Светското првенство.
Момци, уште еднаш, секоја чест. Сите сме со вас, и верувам ја чувствувата поддршката од секој од нас! Најважно е што носите радост за секој еден навивач на трибините. Продолжете со својата спортска дрскост која ја демонстрирате, затоа што вие сте, ми се чини, првата генерација која не стравува буквално од никого. А, тоа е едно огромно фудбалско поместување напред за нашиот национален тим. Нешто кое недостасуваше кај претходните генерации… Вие цврсто стоите на земја, но верувате во себе! Ниту најмалку не се случајни сите овие последни натпревари и ремија во Скопје со селекции од самиот светски врв како Англија, Италија, Белгија, Велс! Тие се потврда на вашиот нескриен европски квалитет!
НАЈВИСОКИ ОЦЕНКИ И ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА МЕЧОТ ОД ФФМ, И ЗА СТРУЧНИОТ ШТАБ И ФУДБАЛЕРИТЕ, НО И ЗА НАВИВАЧИТЕ КОИ СОЗДАДОА ОДЛИЧНА АТМОСФЕРА
Ако се анализираат поединечно нашите линии во тимот, Столе Димитриевски извонреден, сигурен, секогаш одлично поставен и очигледно дека е во добра форма, без разлика на тоа што нема минутажа во својот клуб. Одбраната одигра одлично иако беше посебно тешко да се игра против Доку и Лукаку кој е, физички, навистина тежок за чување. За Доку воопшто не треба да се нагласува, дека има неверојатна брзина и одлични дриблинзи, па поради тоа на моменти и тројца наши дефанзивци мораа да го чуваат. Секоја чест за Езѓан Алиоски. Одлично е што генерално, без разлика на погодокот, се враќа во онаа негова добра препознатлива форма. Големите играчи на вакви големи натпревари покажуваат кои се, па сега се појавува вистината зошто селекторот Милевски сиот овој изминат период имаше трпение со него, што се покажува како максимално исправен потег. Средниот ред беспрекорен со Енис Барди не чело, кој е едноставно градител на нашата игра заедно со одличниот вчера Елиф Елмас, а без сомнение дополнети со Атанасов и Костадинов кои исто така одлично ја завршија својата задача. Бојан Миовски беше малку отсечен затоа што, сепак, во еден дел од натпреварот бевме во подредена ситуација, но со сета максимална борба со противничките дефанзивци, прием на топка на средината и проигрувања навистина е вклопен во високата оценка на целиот тим. Замените во второто полувреме, и Елези, и Митровски и Ашковски навистина внесоа неопходна енергија, желба и борба за секоја пофалба.
Кога се ќе се сумира, може да заокружиме. Извонредни високи оценки за целокупниот спектакл кој ни го овозможи вчера македонскиот фудбал на арената „Тодор Проески“. Секоја пофалба за одличната организација на мечот од страна на Фудбалската федерација на Македонија, високи оценки за стручниот штаб на националниот тим, за фудбалерите, но и висока оценка за навивачите на нашиот најголем стадион кои беа феноменални со постојана поддршка на репрезентативците. Како 12-ти играч, без сомнение, и тоа како многу помогнаа за енергијата на секој поединец во тимот за еден така добар натпревар. Сега останува само надежта дека ќе се повтори оваа претстава и против Казахстан и ќе дојдеме до тие многу, многу важни за нас три бода!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА