Дарко Панчев си заминува од Вардар!?

Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев очигледно ќе биде уште една одбрана ‘жртва’ на сите случувања во Вардар последнава година! По елиминацијата на тимот од Пјуник во првото коло од Лигата на Европа, а револтиран и од комплетната ситуација во клубот Панчев, како што дознаваме, и дефинитивно од утре планира заминување од црвено-црните редови!

Панчев, револтирано ја напушти и арената „Филип Втори“ вечерва по мечот со Пјуник, поради фактот дека од страна на навивачите, преку вулгарни скандирања, беше избран само тој од раководството на клубот, од кого се побара оставка. Но, револтот на фудбалерот на векот на Македонија трае подолго и поради фактот дека претходно беше изолиран во носењето одлуки околу летните засилувања на тимот, беше исклучен од клучните одлуки за водењето на спортскиот дел, а „товарот на вината“ очигледно го понесува само тој!

Според нашите информации, заедно со Панчев заминување од раководството на клубот најавува и неговиот прв соработник Илија Најдоски.

Од Вардар, пак, цврсто место до газдата Сергеј Самсоненко, си имаат претседателот Мирко Спасески и извршниот директор Самоил Симев, кои во суштина се и водечките две позиции во клубот! Но, и покрај тоа што многу „вардарци“ досега под раководство на Самсоненко беа жртвувани, двоецот Самоил и Мирко си  има загарантирани позиции уште од јануари 2014 година со доаѓањето на Самсоненко на чело на најтрофејниот македонски клуб!

Се вчитува...