Дарко Велковски го напушти Вардар и потпиша за Ал-Калдија од Бахраин

Вардар остана без искусниот дефанзивец Дарко Велковски, кој реши да направи нов интернационален чекор и кариерата да ја продолжи во Бахреин.

31-годишниот стопер потпиша договор со Ал-Калдија, со што по вторпат во кариерата го напушта Вардар. Велковски се врати во редовите на скопскиот клуб во јануари годинава и веднаш се наметна како стандарден првотимец. Тој беше во составот и на почетокот од новата сезона, но сега одлучи да прифати нов предизвик.

Велковски својата професионална кариера ја започна во Работнички, каде настапуваше од 2011 до 2015 година. Потоа се пресели во Вардар, со кој освои две шампионски титули – во сезоните 2015/16 и 2016/17.

По авантурата во Скопје, македонскиот репрезентативец се пресели во Риека, каде што освои два Купа на Хрватска. Во продолжение од кариерата настапуваше и за Ал-Етифак од Саудиска Арабија, Динамо Букурешт, Нирѓехаза и Зрињски Мостар, пред повторно да се врати во Вардар.

Велковски е и долгогодишен македонски репрезентативец. За националниот тим дебитираше во 2014 година и досега запиша повеќе од 60 настапи, на кои постигна три гола.

Сега пред искусниот дефанзивец е ново интернационално искуство, овојпат во Бахреин, каде што ќе го носи дресот на Ал-Калдија.

Се вчитува...