Дарко Велковски продолжува во Про-лигата во Саудиска Арабија!

Македонскиот репрезентативец Дарко Велковски својата кариера ја продолжува во Саудиска Арабија, дознава ЕКИПА.

27-годишниот Велковски, по завршувањето на соработката со хрватската Ријека, како што дознаваме, е пред финализирање на договорот со членот на Про-Лигата на Саудиска Арабија, Ал Етифак од Дамам каде сега би ја продолжил својата кариера. Има уште еден клуб од Саудиска Арабија во игра за услугите на македонскиот репрезентативец, но согласно финансиската понуда извесна е соработката со Ал Етифак, каде тренер е Французинот Патрис Картерон. Наредниве денови се очекува и официјалната промоција на Велковски во Саудиска Арабија.

Претходно интерес за услугите на Велковски имаше од Мол Фехервар од Унгарија, како и од Турција, но се чини дека ќе пресуди висината на финансиската понуда од Саудиска Арабија.

Во Саудиска Арабија минатата сезона, како што е познато, настапуваше и Езгијан Алиоски во редовите на Ал Ахли, но Алиоски ова лето се пресели во Фенербахче. Во Суадиска Арабија, во редовите на Ал Феиха, настапува уште еден македонски репрезентативец, офанзивецот Александар Трајковски.

Дарко Велковски, пред преселбата во Ријека, претходно во својата кариера настапуваше и за Македонија ЃП, Работнички и Вардар во македонскиот шампионат.

 

Се вчитува...