Даскаловски нов тренер на МЗТ Скопје 2

Поранешен тренер на Карпош Соколи, Борче Даскаловски е именуван за нов тренер на втората екипа на МЗТ Скопје, која се натпреварува во Првата македонска кошаркарска лига.

„Даскаловски, кој е професор при катедрата за кошарка на Факултетот за физичко образование, доаѓа на местото на Горан Крстевски, творецот на плејада кошаркари кои „жареа и палеа“ на младинската сцена во последните години, а кој, во договор со управата на клубот, ќе се врати во работата со најталентираните во нашата младинска школа и тоа во селекцијата за играчи до 16 години“ – информираат од МЗТ Скопје.

Даскаловски е поранешен играч на Вардар, Балкан Стил, Пелистер и Фени индустри, додека како тренер има работено во Вардар и во Карпош Соколи, каде што прво беше асистент во стручниот штаб кога „соколите“ играа во АБА-лигата и го освоија пехарот во Купот на Македонија. Следната сезона го презеде клубот како прв тренер партиципирајќи со тимот во квалификациите за Лигата на шампионите на ФИБА, а потоа и во ФИБА Еврокупот. Минатото првенство, пак, го мина како дел од стручниот штаб на Астана, најдобриот тим во Казахстан и член на ВТБ-лигата, каде што работеше заедно со Емил Рајковиќ.

Втората екипа на МЗТ Скопје и следната сезона ќе биде дел од Првата лига, единствено со амбиции за опстанок во елитата, заедно со паралелно создавање квалитетни млади кошаркари кои потоа би биле прекомандувани во првиот состав.

Се вчитува...