Давид Бабунски: Како мал одев во градинка со Јапонци, нешто ме влечеше да дојдам во Јокохама

Тој е фудбалско дете на Барселона, македонски репрезентативец, роден е во Скопје, но три години од своето рано детство, од втората до четвртата година ги мина во Јапонија, во Осака. Давид Бабунски, во интервју за јапонските медиуми вели дека нешто како да го влечело повторно да се врати во ’земјата на изгрејсонцето’ и да заигра фудбал за Јокохама маринос. И тоа го прави одлично, наметнувајќи се уште од самиот старт на сезоната со голови и добри игри.

„Како нешто да ме влечеше повторно да дојдам во Јапонија. Знаете, роден сум во Скопје, но набрзо потоа моето семејство често се селеше. Мојот татко Бобан играше фудбал во Бугарија, Грција, Јапонија, Белгија, Германија, Шпанија…Така, јас на мои две години дојдов во Осака и одев во градинка заедно со Јапонци, се до мојата четврта година. Пеевме јапонски песнички, се сеќавам на дел од нив. Сигурно и тој сегмент пресуди, за повторно да посакам да дојдам во оваа убава земја. Јапонија е специјална земја за мене, имам многу фотографии од моето детство од Осака, и со радост се сеќавам на тие моменти“, вели Давид Бабунски за неговата одлука од српскиот клуб Црвена Звезда да се пресели во Јокохама.

Ќе биде еден од главните адути на Македонија на Европското првенство во Полска за селекции до 21 година и е голема надеж на македонскиот фудбал. Полека прераснува и во сениорски репрезентативец, а главните фудбалски чекори ги научи во Барселона. Играше за Б-тимот на каталонскиот гигант, а потоа реши да замине на докажување. Можеби еден ден, повторно ќе се врати. Тоа го стори Денис Суарез, има најави дека ќе се врати и Жерар Делофеу, зошто да не…еден ден можеби и Давид Бабунски ќе се врати на голема врата во Барселона.

Се вчитува...