Давид Дејвис си најде ново „Ферари“

Што ги поврзува Вардар и Веспрем? – Давид Дејвис и неговото „Ферари“. Шпанецот неодамна го наследи Љубомир Врањеш на клупата на Веспрем и со неговите зборови,  доби ново „Ферари“.

Понудата од Унгарија да биде прв тренер на трофејниот тим за Шпанецот кој во исто време е и селектор на Египет била нешто што не се одбива. Во интервјуто за официјалниот сајт на ЕХФ, Дејвис открива како се чувствувал кога му била понудена клупата на Веспрем.

„Бев среќен. Ако некој знае и малку од историјата на европскиот ракомет во последните 20 години, Веспрем секогаш беше меѓу најдобрите. За мене тоа е како „Ферари“ во Формула 1. Моите чувства не се сменети и сега јас сум најсреќната личност“ , вели Давид Дејвис.

Слична споредба Шпанецот направи и пред неколку години кога доби понуда да го води ЖРК Вардар додека беше помошник на Раул Гонзалес во машкиот тим на Вардар. И тогаш Дејвис во интервјуто за ЕКИПА ја направи истата споредба – ЖРК Вардар беше „Ферари“ на подарок.

„Тоа е како кога некој ќе ти понуди „Ферари“ и ќе ти каже, еве може да го користиш. Тогаш не се жалиш, туку го земаш и го возиш! За мене ова беше можност што не сакав да ја пропуштам. Јас сум среќен во работата со Раул Гонзалес во машкиот тим и добро ни оди. Добивме стабилност и полека одиме напред. Од друга страна морам да кажам дека сум среќен и со она што го работиме со женскиот тим. Оваа понуда е „Ферарито“ за мене, нешто фантастично“ – велеше тогаш Давид Дејвис.

Се вчитува...