Давидовски: Првите поени во ТЦР Европа беа на дофат!

Македонскиот возач Виктор Давидовски денеска го заврши настапот на втората трка од првенството ТЦР Европа (Touring Car Racing), возена на легендарната германска патека Хокенхајмринг.

Тркачкиот викенд на Давидовски беше компромитиран поради излетувањето на вториот слободен тренинг, кога имаше оштетување на возилото. Механичарите со крајни напори успеаја да го доведат автомобилот во ред, но недостатокот на кругови од тренинзите се почувствува во квалификациите каде што беше освоено само 26. место.

Од оваа стартна позиција во првата трка Виктор напредуваше до 17. место, но заврши на 19-та позиција. Она што импонира беше фактот дека тој беше во групата на возачи кои речиси во иста секунда ја минаа целта заедно, односно ги имаа позициите од 13. место до 19 место.

Во втората трка, Давидовски „заглави“ зад Бихел, а при обид за престигнување дојде и до контакт. Со тоа македонскиот возач повторно падна на 27. позиција, но до крајот успеа да стигне до 22 место и така да ја финишира оваа трка.

„Можам само да кажам дека сум разочаран бидејќи очекував повеќе, но расплетот е таков каков што е. Пласманот на возачите со Хонда, Коронел и Лојд, на 10 и 13 место укажува каде припаѓавме и ние во оваа трка, на оваа патека, со овој автомобил. За жал излетувањето на тренингот доведе до тоа да имаме помалку тркачки километри, а тоа е нашата најголема болка, бидејќи исклучително е тешко да се најде перфектниот начин за штелување на возилото. Во првата трка покажав дека не ми недостига мотивација и бев на чекор до зоната за бодови, но ете ја пропуштивме и оваа шанса во најсилната конкуренција. Сепак, тука сме за да се бориме со најдобрите и само успех во оваа конкуренција може да биде доволна сатисфакција за сите напори кои ги вложуваме како единствен македонски тим што ја вози целата сезона со седум трки“ – изјави Давидовски по трката.

Третата трка од првенството ТЦР Европа се вози за две седмици на белгискиот автодром Спа Франкошамп.

Се вчитува...