Давидовски викендов во Австрија на четврта трка од ТЦР Европа

Еден од најдобрите македонски автомобилисти, Виктор Давидовски викендов го очекува четвртата трка од серијата ТЦР Европа, која ќе се вози на патеката „Ред Бул Ринг“.

Македонскиот возач ја започна сезоната со многу малери, кои влечат корени од агресивното возење и контакти со противниците во најпрестижната тркачка серија со турнинг возила во Европа.

„Минатата трка во Спа Франкоршамп беше одбележана од инцидент кој ни се случи во првата минута од квалификациите, по што возилото беше оштетено и во трката моравме да стартуваме како последни. Иако дојдовме до 18 место во трката, бевме блиску до зоната за бодови, се скрши едниот осигурувач на хаубата и поради тоа на правците морав да возам бавно за да не се отвори целосно. Тоа не спречи да стигнеме до првите бодови, па се надеваме дека лошата среќа ќе ја оставиме зад себе и во Австрија конечно ќе тргнеме како што треба. Направивме споредба со нашите времиња возени на зимските тренинзи во Ошерслебен, каде што потоа се возеа трки од националното првенство на ТЦР Германија. Со тие времиња, ќе имавме петто место на квалификациите, но во ТЦР Европа е кремот на турнинг трките и тука е многу потешко да се стигне до првите 15 места кои освојуваат бодови“– вели Давидовски во својата анализа за првиот дел од првенството.

Со тимот „ПСС Рејсинг“, Давидовски успеа да направи и тест на австриската патека во текот на подготвителниот период, поради што е оптимист за претстојната трка.

„На хартија, оваа патека би требало да им одговара на нашите ривали, но ние се радуваме на тоа што го подобруваме познавањето на возилото. Од тјунерската работилница во Милано, „ЈАС Хонда“, на оваа трка ќе имаме нов инженер со поголемо искуство, па се надеваме дека ќе ни помогне да ја доловиме магијата што ни недостига во сетирањето. Нашиот автомобил нема проблеми со силата на моторот, повеќе време инвестираме да го направиме возлив, бидејќи сепак е меѓу најдолгите, а исто така е позициониран со повисока пропишана висина од страна на организаторите. Поради тестовите во подготвителниот период се надеваме на подобро и побрзо фамилизирање со патеката, што би довело до подобар пласман во квалификациите и конечно освојување бодови, со што би се оправдале сите овие напори да успееме на големата европска сцена“.

По трката во Австрија, следува и трката на патеката Ошерслебен во Германија, крај Берлин, на 3 и 4 август, по што ќе има летна пауза во првенството.

Се вчитува...