Давитков: Не постојат мали репрезентации, ќе мораме да се испотиме за победа

Македонскиот селектор Јорданчо Давитков е задоволен од сработеното од страна на нашите кошаркари за време на подготовките за дуелот со Швајцарија, но и гласно им порача на своите избраници да не се надеваат дека лесно можат да стигнат до триумф на мечот в четврток во Фрибург.

„Имавме еден добар циклус, победивме три натпревари, создадовме добра атмосфера во тимот. Се надевам дека ќе продолжиме и сега на дуелот со Швајцарија. Мечот доаѓа во незгодно време, по крајот на сезоната, но во овие десетина дена одработевме добро. Ќе видиме што ќе донесе мечот, успеавме колку-толку да го адаптираме новиот Американец Витингтон, за кого ова ќе биде прв натпревар во македонскиот дрес. Во никој случај нема да биде лесно, од нас се очекува победа со самото излегување на теренот, но им кажав на играчите, ќе им повторам уште неколку пати – мораме максимално да се испотиме ако сакаме да ја продолжиме оваа серија на победи. Сите во Европа играат кошарка, веќе нема мали репрезентации. Во Скопје едно полувреме ни создадоа проблеми, потоа го најдовме решението за нив, се надевам дека истото ќе се случи и на овој меч в четврток“ – истакнува селекторот Давитков.

Се вчитува...