Давитков: Одигравме колку што беше потребно, сите придонесоа за триумфот

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Јорданчо Давитков, по мечот со Словачка истакна дека е задоволен од целокупната игра на неговите избраници, но потенцираше дека противникот одигра подобар меч во однос на претходната нивна средба.

„Помалку или повеќе очекувана победа, реков и претходно дека очекувам да триумфираме. Словаците играа подобро сега отколку на претходната меѓусебна пресметка, малку не изненадија со шутот за три поени. Во главно одигравме добро, со минимални грешки кои би сакал да ги поправиме во иднина. Се обидов да им дадам шанса на сите, се обидов да ротирам колку што можам. Можеби не сите одиграа максимално, но секој од моите кошаркари придонесе доволно за да се забележат овие бодови“, изјави Давитков.

За разлика од претходните два меча, во овие претквлиикации на тимот се приклучија Бојан Трајковски и Александар Костовски, кои имаа свој придонес за победата, а Давитков потенцира дека доколку ги имаше овие играчи на располагање во минатиот август, Македонија ќе беше во друга ситуација.

„Не би сакал да издвојувам никого, сите одиграа како што беше планирано. Јас и првиот пат инистирав дека додека сум селектор во оваа селекција ќе играат најдобрите македонски играчи кои ми се на располагање. Да го имав овој состав во август, денес можеби ќе седевме на друга прес – конференција“, додаде Давитков.

Се вчитува...