Давитков: Пораз што не боли, жалам само за повредата на Стајиќ

Македонскиот селектор Јорданчо Давитков им го честиташе триумфот на бугарските кошаркари, истакнувајќи дека резултатот воопшто не бил во преден план за нашиот национален тим во ситуација кога тој правел бројни ротации во петорката на теренот. Воедно, Давитков изрази загриженост поради повредата на Бобан Стајиќ заработена пред крајот на третата четвртина, кога нашиот плејмејкер мораше да биде заменет по една украдена топка, по што повеќе не се врати на теренот.

И пред мечот најавив дека ќе ротирам, важно ми беше да им дадам шанса на сите кошаркари да ги покажат своите квалитети. Правев доста измени во тимот за да видам на што се способни играчите, жалам единствено што Стајиќ се повреди и не можеше да го доврши мечот. Ние реално бевме подобри во првото полувреме, Бугарите доминираа во вториот дел, кога постигнаа бројни поени од контранапади и од шутеви за тројка. Заслужено победија, но овој пораз не е никаков проблем бидејќи наша цел во секој случај е максимално подготвени да го дочекаме дуелот со Косово“ – изјави Давитков веднаш по натпреварот.

За очекување е веднаш по враќањето во Скопје врз Стајиќ да бидат извршени детални прегледи, по што ќе се знае дали овој кошаркар ќе може да биде подготвен за стартот на претквалификацискиот циклус на 2 август.

Се вчитува...