Давитков предупредува: Само да не ни се повтори Косово

ЕКИПА во Фрибург, Швајцарија

Стеван Цаневски

Македонските кошаркари се подготвени да атакуваат на нова победа, денеска во 19.30 часот во Фрибург против Швајцарија, но селекторот Јорданчо Давитков е доволно искусен за да ги предупреди репрезентативците дека преголемата самоувереност би можела скапо да ги чини. Така, по завршувањето на тренингот во Швајцарија тој децидно побара максимално залагање, како единствен начин да се дојде до позитивен резултат. Како негативен пример тој го посочи премиерниот дуел од претходниот квалификациски циклус, кога на гостувањето во Косово во првото полувреме имавме негатива од дваесет поени, што на крајот се покажа клучно за нашата преселба во понизок ранг на натпреварување.

„Една работа барам – ние да одиграме најдобро што знаеме бидејќи на крајот се ќе зависи од нас самите. Не смее да ни се повтори Косово, поголемиот дел од вас беа дел и од тој натпревар, кога почнавме прелабаво, па бевме казнети за тоа. Барам ние да го дадеме максимумот, ако ние одиграме како што знаеме, а Швајцарија победи, тогаш ќе честитаме, но не сакам да се случи Македонија да одигра под своето ниво“ – порача Давитков.

Само за потсетување, Македонија во првиот натпревар во Скопје ја совлада Швајцарија со убедливи 83-68. Оваа предност остава комфорт првото место да биде осигурано и со пораз помал од 15 поени разлика, но никој во „црвено-жолтиот табор“ не размислува за такво нешто – цел е нова победа за влез во следната квалификациска рунда.

Се вчитува...