Давитков: Продолжуваме онаму каде што застанавме во ноември

Кошаркарската репрезентација на Македонија денеска ги стартуваше подготовките за двомечот против Словачка (дома) и Швајцарија (на гости), за пласман во следната рунда од претквалификациите за Евробаскет 2021. Разочарувачкиот настап со Косово и Естонија беше оставен зад себе, на првите две средби од новиот циклус беа забележани две победи кои даваат оптимизам пред претстојните предизвици.

„Желбата е јасна, да продолжиме онаму каде што застанавме во ноември, не само со победите, туку и со се подобра и подобра игра. Словачка е селекција што ја победивме на гостински терен, но сигурно не е ривал што треба да се потцени и ќе инсистирам моите кошаркари да останат максимално фокусирани. Желбата е јасна, да славиме в недела со Словачка и на едно коло до крајот да го осигураме првото место“ – изјави Давитков.

Во однос на ноемвриските натпревари македонскиот селектор овојпат на располагање ќе ги има Александар Костоски и Бојан Трајковски, кои сигурно ќе донесат дополнителен квалитет во играта на „црвено-жолтите“.

„Костоски беше дел од летните квалификации, а во ноември за жал не можеше да помогне поради повреда. Јасно е дека ќе даде свој придонес за да играме уште подобро, исто како и Трајковски. Јас кога дојдов за селектор отворено реков дека секогаш ќе ги повикувам оние играчи кои ги сметам за најдобри, без разлика од кои причини не настапувале во минатото. Сега го имаме Бојан Трајковски и верувам дека тоа ќе донесе квалитет во нашиот национален тим“ – истакнува селекторот на македонската кошаркарска репрезентација.

Се вчитува...