Давитков: Теодор ќе биде во топ-форма за околу 15 дена

Кошаркарската репрезентација на Македонија ги продолжува тренинзите во Маврово, како прва фаза од подготовките за претквалификациите за СП 2019. Селекторот Јорданчо Давитков е презадоволен од текот на подготовките, но кормиларот на националниот тим исто така е свесен дека најтешките предизвици допрва следат.

Морам да бидам задоволен од напорите и залагањето на кошаркарите, кои даваат се од себе за да се најдат на завршниот список и да играат во претквалификациите. Досегашниот тек од подготовките одат според планот, но останува да почнеме со натпревари, да видиме до каде сме и да ги отстрануваме грешките во играта што ќе ги воочиме. Атмосферата во националниот тим е максимално позитивна, сите се подготвени за предизвикот. Присуството на Чековски ни дава поголема сигурност во битката под обрачите, а со Теодор ја комплетиравме и надворешната линија“ – истакнува селекторот Јорданчо Давитков.

Тој од вчера го има на располагање и Џордан Теодор, американскиот бек кој би требало да ја преземе улогата на лидер каква што своевремено имаше и Лестер Бо Мекејлеб.

Тој дојде и синоќа го имаше првиот тренинг. Јасно е дека донесовме играч со одлично реноме и не се сомневам дека ќе ни биде од корист. Очигледно е дека тој одмарал по пренапорната сезона и не е доволно подготвен, но очекувам за околу 15 до 20 дена да биде во топ-форма. Желбата и кај него е на високо ниво, ќе работи напорно во следниот период, но не сакам да ризикувам додека не е максимално подготвен, па затоа тој ќе има минимална минутажа на претстојните средби во Словачка“ – открива Давитков.

По подготовките во Маврово, сениорите ќе се вратат накратко в Скопје, а потоа ќе заминат за Словачка против која ќе одиграат пријателски двомеч. На 15. јули ни гостува селекцијата на Бугарија, а неколку дена подоцна (20. до 22. јули) ќе се одржи турнирот „Трофеј Македонија“. Потоа следи гостување во Бугарија како последен пријателски натпревар пред натпреварите од претквалификациите за СП 2019.

Се вчитува...