Де Брујне: Трофеј во ЛШ ќе го промени погледот на луѓето за Манчестер Сити

Вториот финалист на овогодишното издание на Лигата на Шампионите ќе биде познат по вечерашниот натпревар помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити на „Сантијаго Бернабеу“. Во него „кралскиот тим“ брка негатива од еден гол од натпреварот одигран во Англија кој заврши со резултат 4-3.

Говорејќи за медиумите, еден од најдобрите фудбалери на „граѓаните“, Кевин Де Брујн изјави дека трофејот во Лигата на Шампионите ќе го промени погледот на луѓето кон Сити, но за место во големото финале неговиот тим повторно мора да биде на врвот на својата задача.

„Како играч, сакам да го освојам секој трофеј, па и овој. Осовјувањето на трофејот сепак нема да го промени начинот на кој се гледам себе си. Мислам дека освојувањето на Лигата на Шампионите ќе го промени погледот на луѓето кон Сити. Факт е дека веќе со години сме во завршната фаза и дека добро ни оди. Квалитетот е голем, тешко е да се освои трофејот, но играме добро и повторно сме на прагот на едно големо финале“, изјави Белгиецот.

Де Брујн најверојатно ќе биде единствениот играч во почетните единаесетмина кој играше и во реваншот од полуфиналето во 2016 година кога Реал Мадрид славеше со 1-0.

„Мислам дека сега сме во подобра форма отколку тогаш, бидејќи тогаш немавме најдобар финиш на сезоната, а Реал во тоа време беше голема сила во фудбалот. Ако добро помнам тоа беше многу досаден натпревар. Покрај тоа и поискусни сме и се надевам дека ќе бидеме подготвени. Ќе биде потребно да бидеме на највисоко ниво доколку сакаме место во финалето“, додава Де Брујн.

Се вчитува...