Македонскиот претставник Охрид продолжи да се бламира во настапите во АБА2 лигата откако во рамките од четвртото коло оваа екипа го претрпе и четвртиот убедлив пораз, овојпат на гостувањето против Зрињски со резултат 93-62. Иако против себе имаа сосема просечен противник што во првите три кола имаше една победа и два порази, охриѓани одиграа уште еден очаен натпревар во кој на крајот претрпеа пораз од преубедливи 31 поен разлика.
На средина од првата четвртина македонскиот прволигаш дури и имаше предност од 13-16, а мечот беше израмнет само до осмата минута, кога резултатот гласеше 22-22. Потоа Зрињски постигна десет поени за помалку од две минути, првиот период го заврши со предност од 32-24 и потоа целосно го контролираше мечот. Откако на одмор се замина со резултат 56-40 за Зрињски, потопот на Охрид продолжи и во преостанатите дваесет минути во кои домаќините целосно доминираа и на крајот заслужено стигнаа до убедлива победа.
Бери со 22 и Томас со 15 поени беа најефикасни кај охриѓани, а најдобар стрелец кај победничкиот тим беше Рамљак со 20 поени.
Охрид во рамките од петтото коло ќе ја пречека екипата на Рогашка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА