Дебакл на Е. Пелистер – Вардар го врати трофејот во Скопје

Ракометарите на Вардар ја вратија титулата од Суперлигата во своите витрини откако вечерва славеа на домашен терен против најголемиот ривал Е. Пелистер со убедливи 34-19.

Натпреварот почна со погодок на Дејан Манасков за водство на гостинот од 0-1. Домашните возвратија со серија од 3-0, па по четири минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 3-1. Радивојевиќ врза два гола па многу брзо пелистерци се вратија во егал 3-3. Следуваше нова црна дупка на гостите по која со голот на Малус во 9. минута Вардар за првпат стигна до плус три (6-3).

Во следните минути се играш гол за гол, а точно на средина на првиот дел при резултат (9-7) тренерот на домашните Иван Чупиќ го повика својот прв тајмаут. По паузата домаќините за првпат сгигнаа и до плус четири (13-9) откако Митровиќ реализираше пенал во 23. минута. По ова за првпат минута одмор искористи и тренерот на гостите Алексо Лембанов.

Следуваше еден дуел меѓу Хенигман и Малус по кој ракометарот на Пелистер доби директен црвен картон. Следуваше нов гол на Малус за плус пет 14-9. До крајот на првиот дел Вардар имаше и плус шест 17-11, а на пауза се замина со резултат 18-12.

Вардар почна фуриозно и во вториот дел и со два гола во низа стигна до највисоки плус девет 21-12 во 35. минута, по што Лембанов мораше да го побара и својот втор тајм аут. Сушата на гостите продолжи и во следниот период. Пелистерци девет минути беа без погодок, а тоа доведе Вардар првпат да стигне и до двоцифрена предност (22-12). До крајот избраниците на Иван Чупиќ само рутински го приведоа мечот за конечен триумф од 34-19.

Урош Митровиќ со осум  гола беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените Кузмановски и Радивојевиќ постигнаа по пет гола.

Се вчитува...