Дебакл на кошаркарките во Германија: Неверојатен пораз од 65 поени разлика

Македонската женска кошаркарска репрезентација неславно со убедлив пораз на гостувањето во Германија го почна квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи во 2021 година. Избраничките на Владимир Ѓоровиќ, кој мораше да настапи без петте наши најдобри кошаркарки, загубија од Германките со помалку неверојатни 65 поени разлика, 105-40.

Од самиот почеток на дуелот јасно беше дека нема да може да има никакво изненадување против фаворизираните Германки. Домаќинките по само пет минути игра поведоа со 10 поени разлика, а потоа до крајот на дуелот таа разлика постојано се зголемуваше до конечни 105-40.

Поените за македонската репрезентација ги постигнаа Александра Стојановски – 16 поени, Нена Трајчевски – 15, Симона Деловска запиша пет поени, и по два поени постигнаа Драгана Јоловиќ и Ивана Кметовска. Кај Германките најефикасна беше Сато Сабали со 23 поени, а 16 поени постигна Мари Гулих.

По овој убедлив пораз Македонија в недела во Скопје ја очекува пресметката со најдобрата селекција во групата, Летонија.

Во нашата квалфикациска група е и репрезентацијата на Хрватска. Следниот квалфикациски прозорец е дури по 12 месеци. Првопласираните репрезентации од секоја група како и петте најдобри второпласирани репрезентации ќе се квалификуваат на Европското првенство кое ќе се игра во 2021 година.

Се вчитува...