Деби на Пролет во ЕХФ купот со двомеч во Чешка

Ракометарите на Пролет денеска и утре во Чешка ќе ги одиграат двата натпревари против Баник Карвина од втората квалификациска рунда во ЕХФ Купот.

За скопскиот клуб ова е прв настап во ЕХФ Купот, или вкупно четврто учество на европска сцена, по претходните три настапи во Челинџ купот. Во своето деби во оваа конкуренција, Пролет за противник го има поискусниот чешки претставник кој по четири години одново се враќа во европските купови.

Искуството, амбициите и квалитетот, но и домашниот терен на двата натпревари го ставаат тимот на Баник Карвина во фаворитска улога. Од Пролет пак, истакнуваат дека овие натпревари ќе бидат драгоцено искуство за тимот и најавуваат максимална борбеност.

Екипата на Карвина е фаворит во овој двомеч. Станува збор за шампионот на Чешка кој има одлично пополнет ростер со квалитетни играчи на секоја позиција. Сепак, ние не доаѓаме со бело знаме тука, ќе се потрудиме да дадеме максимум на двата натпревари и да ја подигнеме нашата форма на едно повисоко ниво пред продолжението на македонското првенство“ – истакнува тренерот, Никола Матлиески.

Тимот на Пролет, вчера во Карвина го одработе завршниот тренинг на кој беа финализирани деталите за денешниот прв меч против чешкиот противник. Примарна цел на македонскиот состав е да се искористи секоја шанса и да се стекне дрaгоцено искуство.

Направивме видео анализа на противникот, одржавме и еден тренинг во Карвина. Овој двомеч мора да го искористиме како едно позитивно искуство и да напредуваме како екипа. Немам некои преголеми очекувања со оглед на тоа што играме против силен противник, сепак, наша цел е да се надигруваме со нив и да ја искористиме секоја шанса што ќе ни укаже“ – вели Матлиески.

Баник Карвина моментно е на четвртото место во шампионатот на Чешка со три победи, еден пораз и едно реми и со еден бод помалку од водечката тројка. Пролет во четирите натпреври во домашната Супер лига има една победа и три порази.

Првиот натпревар меѓу Баник Карвина и Пролет во ЕХФ Купот се игра денеска со почеток во 18 часот, а вториот меч на кој Пролет условно е домаќин е утре во 10.30 часот.

Вториот македонски претставник во ЕХФ Купот, Еурофарм Работник во натпреварувањето стартува од третото квалификациско коло.

Се вчитува...