Дебитантот немаше сили за сензација – МЗТ преку Феникс до шанса за историски Куп трофеј

МЗТ Скопје ќе има можност да стигне до 11. Куп трофеј во својата историја откако во полуфиналето против Феникс 2010 славеше со 76-66. Аеродромци добро го започнаа натпреварот, рано стигнаа до двоцифрена предност која беше преголем закал за дебитантот во престижното натпреварување и покрај тоа што во еден момент негативата од 17 поени успеаја да ја сведат на само еден напад.

МЗТ Скопје успеа да го наметне своето темпо на отварањето на натпреварот. Добриот проток на топката носеше отворени обиди кои искусните кошаркари на Радуловиќ знаеја да ги искористат, а и покрај тоа што Феникс се одржуваше во живот со обидите зад линијата 6,75, опаѓањето на реализацијата дозволи одлепување на аеродромци за предност од 27-17 по првите 10. минути игра. ‘Штрковите’ продолжија со одличната игра на двата дела од теренот и во поголемиот дел од првото полувреме. Течниот напад носеше лесни поени, офанзивниот скок донесе и поени од втора шанса па МЗТ Скопје имаше и предност од 45-28, но по неспортското однесување на Милошевиќ се промени текот на мечот. Прекинот ги мотивираше избраниците на Дервишевиќ кои заиграа агресивно во одбраната, пронајдоа и решение во нападот каде реализираа четири од пет обиди па до крајот на 20. минута стигнаа до негатива од само еден напад (46-37).

Феникс 2010 го задржа моментумот и на отварањето на второто полувреме во кое влезе и во серија за три поени, добрата одбрана донесе и поени од транзивија па во еден момент негативата се сведе на само еден напад (51-48). Сепак МЗТ Скопје навремено ги консолидираше своите редови, ја зацврсти одбраната каде го примора противникот на тешки обиди, а на спротивната страна ги искористи пропустите во одбраната на дебитантот па ја врати двоцифрена предност по третата четвртина (63-52). Во неа Феникс продолжи да брка негатива, а младиот состав имаше за што да жали бидејќи промаши отворени обиди за рано враќање на едноцифрена негатива. И покрај тоа што аеродромци не ги служеше шутот, искусните репрезентативци одговорија кога беше најпотребно и не дозволија сензација.

Најефикасни во таборот на МЗТ беа браќата Стојановски. Војдан постигна 17 опени, а Дамјан постигна 15. Бојан Трајковски кај Феникс даде 17 поени.

Се вчитува...