Дефинитивно: Вардар против Фленсбург или Брест во четвртфиналето од ЛШ

Вардар за противник во четвртфиналето од Лигата на шампионите ќе го има подобриот од осминафиналниот двомеч Фленсбург – Брест Мешков. Тоа од вечерва е и официјално, откако Фленсбург претрпе пораз на гостувањето против Веспрем (34-28), меч кој решаваше кој од овие два тима ќе го освои третото, а кој четвртото место. Тимот на Љубомир Врањеш беше подобар во првото полувреме, на моменти имаше и три гола предност, но потоа Веспрем во вторите 30 минути целосно го сврте резултатот во своја полза и триумфираше со конечни шест гола разлика.

Илиќ со девет гола беше најзаслужен за победата на Веспрем, додека први стрелци на Фленсбург на оваа средба беа Гландорф и Шмит со по пет погодоци.

Претходно, во првиот натпревар од групата Б европскиот првак Кјелце славеше над Брест Мешков со убедливи 35-27. Мечот беше решен во второто полувреме, кога полскиот гигант додаде гас откако Белорусите го добија првото полувреме со 15-16. Со тоа, Брест Мешков дефинитивно остана на петтата позиција во групата, додека Кјелце го освои второто место, прескокнувајќи го тимот на Некар Левен.

Само за потсетување, Фленсбург и Вардар се сретнаа во четвртфиналето од ЛШ и пред три сезони, кога германскиот тим со многу среќа го преживеа „пеколот“ во Скопје, се пласираше на Ф4 во Келн, а таму се закити и со титулата европски шампион.

Се вчитува...