Дејан Митровски – Урко е избран за претседател на ВАКО Балкан! (ФОТО)

Огромно признание за македонскиот кикбокс. Првиот човек на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски-Урко е избран за претседател и на ВАКО Балкан федерацијата.

На денешното Собрание на ВАКО Балкан кое се одржа во Србија, Митровски едногласно ја доби безусловната поддршка од сите балкански земји, членки на ВАКО Балкан федерацијата. Првите честитки за новата престижна функција Митровски ги доби од претседателот на ВАКО Европа, Унгарецот Иштван Кирали како и потпретседателот на ВАКО Европа, Салим Кауч од Турција кој е е претседател на Медитеранските игри, кои се присутни проследувајќи го Собранието на ВАКО Балкан во Краљево.

„Би сакал да истакнам огромна благодарност на сите балкански земји за едногласната поддршка да застанам на чело на ВАКО Балкан. Секако неизмерна благодарност и до претседателот на светската ВАКО-федерација, Рој Бекер, до првиот човек на ВАКО Европа, Иштван Кирали како и до потпретседателот Салим Кауч кои целосно застанаа зад мојата кандидатура со максимална поддршка за допринос во развојот на кикбоксот на Балканот“ – ни изјави Дејан Митровски – Урко веднаш по изборот за нов претседател, притоа дополнувајќи:

„Сето ова е секако огромно признание и за македонскиот кикбокс, кој добива прв човек на балканско ниво. За мене навистина е чест и задоволство што од светските и европските кикбокс лидери беше препознаен сиот труд вложен изминативе години за развој на македонскиот кикбокс како прв човек на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, па сега е дадена довербата да се искористат тие сили за развојот на кикбоксот и на Балканот. Ова е од сериозно значење и за македонскиот спорт ако се знае дека седиштето на ВАКО Балкан ќе биде во Македонија од каде ќе се креираат во иднина и сите политики за развојот и промоцијата на кикбоксот како спорт“.

Инаку, викендов во Краљево, покрај Собранието на ВАКО-Балкан, ќе се одржи и Балканското првенство во дисциплините К1, Лоу кик и Кик лајт. Учествуваат седум земји со 212 натпреварувачи. Нашата земја ќе ја претставуваат 73 одбрани натпреварувачи.

 

Се вчитува...