Првиот човек на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко не го крие задоволството по завршувањето на Светското јуниорско кикбокс првенство кое изминативе денови се одржуваше во Лидо ди Јесело, Италија.
Митровски низ анализата на релизираното на светскиот шампионат не крие дека е горд на сите млади македонски кикбоксери кои не претставуваа меѓу светската елита, а освоените три златни и два бронзени медали се достигнување кое досега не е постигнато во ниту еден друг спорт во историјата на Македонија.
„Јас како претседател и водач на оваа федерација, која со години наназад е во постојан раст, и по квантитет и во континуитет по освоени најголем број медали од сите домашни спортови, исклучително сум задоволен од сите наши натпреварувачи учесници на ова светско првенство. Но, и од сите тренери и судии во нашата федерација“ – ни изјави Митровски од Италија, притоа дополнувајќи:
„Сите наши борци покажаа извонредна подготвеност и желба за победа не штедејќи се ниту најмалку. За тоа говорат многуте повреди кои ги добија младите македонски кикбоксери во текот на првенството. Најмладите покажаа вистинска борбеност, притоа стекнувајќи нови искуства. Сакам да искажам огромна гордост што сум водач на оваа успешна и сложна федерација, за која желба на секој од страна е да посака да стави рака на неа и да ја води. Но, само ние знаеме со колку заеднички труд сме стигнале до ова ниво на кое сме денес, и колку само сме надминале внатрешни и надворешни обиди да не растурат. Сите овие години заедно сме ги надминале сите проблеми за да дојдеме до врвот во нашата земја, но до врвот на светот. И со гордост, повторно напоменувам, дека кикбоксот е најмасовен спорт и спорт број еден по резултати во Македонија“.

Претседателот на КМФМ и селектор на националниот тим нагласува дека македонскиот кикбокс не застанува тука, а новите успеси се очекуваат веќе на Европското сениорско првенство во ноември на кое домаќин е Македонија.
„Сакам јавно да им се заблагодарам на сите оние кои ни беа поддршка, не бодреа, навиваа и ни помогнаа секој на свој начин да дојдеме на ова првенство и донесеме три злата и две бронзи за македонскиот спорт. Убеден сум дека ниту една федерација досега нема донесено три златни медали од едно светско првенство. Но, не застануваме тука. Неделава започнуваат подготовките на сениорската репрезенација за престојното европско сениорско кикбокс првенство на кое ние сме домаќини и ке се одржи од 06-15 ноември во Скопје. Може само да ветиме, дека и од ова европско првенство ќе и подариме многу медали на Македонија“.

Според Митровски овој пат на македонскиот кикбокс е пат кој не е подарен, туку создаван од самите почетоци, уште од неговиот тренер и основач на федерацијата Љупчо Неделковски. А, тој пат мора да го продолжат новите генерации.
„Ова што ние го имаме никој не ни го дал, сами сме си го создале од самите почетоци на основање на нашата федерација, на почетокот организирани од страна на мојот покоен тренер и претседател, кој е мој духовен водач во спортот и кој ја формирал оваа федерација. После неговата смрт го продолжив неговиот и само неговиот пат и визија која ја имаше да ја доведе нашата федерација до овде каде што сме сега. Образот и дадениот збор кој сум му го дал на мојот покоен тренер и на нашиот прв претседател на федерацијата е нешто свето“ – вели Дејан Митровски – Урко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
