Четири децении посветеност, дисциплина и љубов кон традиционалното карате. Дејан Недев, повеќекратен европски и светски шампион, носител на признанието „Каратист на векот“, добитник на бројни домашни и меѓународни признанија и најтрофеен македонски каратист на сите времиња, во 2026 година одбележува значаен јубилеј – 40 години во карате спортот.
Неговата меѓународна натпреварувачка кариера започна во 1993 година, кога како 13-годишник настапи на Европското првенство за сениори на ЕТКФ во Торино, Италија. Само една година подоцна, на 14-годишна возраст, настапи и на Светското првенство за сениори на ИТКФ во Тревизо, Италија, поставувајќи ги темелите на една исклучителна спортска кариера.
Првиот голем успех го оствари во 1995 година во Скопје, каде што стана европски шампион во фукуго за кадети. Тоа беше почеток на низа врвни резултати што ќе го вбројат меѓу најуспешните традиционални каратисти во светот.
Во својата богата кариера, Дејан Недев осум пати ја освоил титулата европски шампион за сениори – Белград (2005), Ерусалим (2011), Крањска Гора (2016), Белград (2018), Питешти (2019) и Белград (2021), а двапати бил европски вицешампион – Москва (2002) и Скопје (2004).
На светската сцена трипати се искачил на највисокото победничко место, освојувајќи ја титулата светски шампион во Виареџо (2005), Копер (2015) и Монтекатини (2017), додека титулата светски вицешампион ја освоил во Белград (2002), Саскатун (2006) и Каиро (2014).
Неговата кариера не е само приказна за освоени медали, туку и за визија, лидерство и несебична посветеност во развојот на традиционалното карате. Со својата работа како спортист, тренер и спортски функционер, Дејан Недев остави траен белег во македонското, европското и светското карате.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
