Најдобриот каратист на сите времиња во Македонија, Дејан Недев од 15 до 18 Мај 2026 година ќе одржи меѓународен карате семинар во два града во Бразил, Сао Паоло и Кампинас, на покана на Бразилска федерација за традиционално карате.
На Недев ова ќе му биде четврта посета на Бразил — три пати како натпреварувач и учесник на ИТКФ Светско првенство во традиционално карате во 1996 година во Сао Паоло, како и во 2010 и 2019 година во Куритиба, а сега повторно во Сао Паоло, но во улога на главен инструктор и предавач.
Се очекува учество на голем број каратисти од повеќе држави од Јужна Америка, меѓу кои: Бразил, Чиле, Аргентина, Колумбија, Уругвај, Перу и Венецуела.
Ова се држави каде што традиционалното карате е високо развиено, благодарение на основачот на ИТКФ, Хидетака Нишијама сенсеи.
Ова претставува огромно признание за Дејан Недев како истакнат светски спортист и инструктор, кој продолжува успешно да го шири оригиналното традиционално карате низ целиот свет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
