Демијан Лилард го пропушта „Ол-стар“ натпреварот

Кошаркарот на Портланд Треилблејзерс, Демијен Лилард поради повреда ќе го пропушти „Ол-стар“ натпреварот, кој викендов ќе се игра во Чикаго. Мината вечер Блејзерс изгубија од Мемфис со 111-104, а Лилард на повреда на препоните се пожали во второто полувреме. Иако го чекаат прегледи со магнетна резонанца, одличниот кошаркар веќе најави дека ќе го пропушти „Ол-стар“ викендот.

„Тоа е нешто на што се радував. Ги сакам тие настани, но здравјето мора да ми биде на прво место. Ќе присуствувам на натпреварот, но нема да играм“, порача Лилард. 

Тој требаше да биде дел од тимот на Леброн Џејмс, а беше пријавен и на натпреварот во шутирање тројки. Неговата замена се уште не е објавена.

Се вчитува...