Ден за дерби: Нека биде ракометен спектакл, а не хаос на трибини

Вардар и Еурофарм Пелистер вечерва повторно ќе излезат на мегдан (19.45 часот, СЦ „Јане Сандански“), овојпат во одложениот меч од првото коло од Супер-лигата. Ова практично е реприза на мечот од Суперкупот на Македонија што се одигра пред десетина дена во Струмица, во кој Вардар излезе како победник.

Еурофарм Пелистер ја има улогата на актуелен шампион, но битолчани се соочуваат со кризен период на самиот старт на сезоната. Играта е далеку под посакуваното ниво, тоа беше очигледно на дуелот со „вардарци“, но уште повеќе на пресметката со Колстад при убедливиот пораз на стартот од Лигата на Шампионите. „Пелистерци“ поседуваат квалитет за домашната сцена, но тренерот Јовиќ и неговите соработници Шундовски и Ангеловски се соочуваат со притисок што поскоро да ја најдат добитната комбинација и да ги исполнат високите амбиции.

Од друга страна, Вардар ја крена атмосферата во сопствените редови по триумфот во Суперкупот на Македонија, а „црвено-црните“ ќе се обидат да ја повторат играта од Струмица и повторно да го земат скалпот на лутиот ривал.

Ланскиот меч во Скопје меѓу овие два тима го одбележа огромен инцидент по влетувањето во терен на домашните навивачи, па останува надежта дека овојпат дербито ќе биде ракометен спектакл, без ниту еден инцидент на трибините.

Се вчитува...