Ден за „откази“ во Барса: Куман избриша уште тројца првотимци

Роналд Куман веднаш по пристигнувањето во Барселона се фати за работа, а прва задача му е да ги продаде непотребните фудбалери за да си обезбеди буџет за нови засилувања. Холанѓанецот понеделнички почна со разговори со оние играчи кои планира да ги продаде, прв на листата беше Луис Суарез, а според каталонските медиуми денеска идентични телефонски повици како и уругвајскиот голгетер добиле уште тројца првотимци на Барселона.

Станува збор за Артуро Видал, Иван Ракитиќ и за Самуел Умтити, на кои им било соопштено дека не се дел од плановите на новиот тренер, по што нивните агенти можат да почнат со официјални преговори за преселба во нови клубови. Видал долго време беше желба на Антонио Конте во Интер, но сега лесно може да се случи Конте да добие отказ, со што би пропаднал и камбекот на Чилеанецот во Калчо-лигата.

За Ракитиќ се интересираа Арсенал и Атлетико Мадрид, Хрватот е најблиску до враќање во Севилја, но за тоа да се случи ќе мора да се согласи на намалување на платата од над осум милиони евра што ја заработува моментно во Барселона.

Се чини дека најтешко од сите ќе биде продаден Умтити, кој премногу варира во формата, но има и хронична повреда на коленото. ПСЖ се интересираше за Французинот, како опција беше споменуван и Манчестер Јунајтед, па интересно ќе биде да се види кој ќе биде подготвен да инвестира во него 40 милиони евра, сума што Барса очекува да ја заработи од шродажбата на овој дефанзивец.

Се вчитува...