Ден за ждрепка: Повеќе италијански од англиски клубови, Белгија со повеќе претставници од Германија

Комплетирањето на новите нокаут фази во трите европски натпреварувања значат дека е време за нова ждрепка, со која ќе бидат утврдени четвртфиналните двојки во Лигата на Шампионите (12 часот), Лигата на Европа (13.00) и во Конференциската Лига на УЕФА (14 часот). Она што е интересно е што во куглите на трите извлекувања ќе има вкупно 24 клубови, од кои најмногу, дури шест ќе бидат од Италија.

Италијанскиот фудбал со години наназад се повеќе тоне на европската сцена, но добрите резултати во оваа сезона се знак дека Калчото се враќа во мода. Седум италијански екипи ја почнаа сезоната во европскиот фудбал, од кои елиминиран досега беше само Лацио, во осминафиналето од Конференциската лига од холандски АЗ Алкмар.

Калчо-лигата по долго, долго време има три екипи меѓу најдобрите осум во ЛШ, покрај градските ривали Интер и Милан тука е и Наполи со нашиот Елиф Елмас. Барем на хартија, главни фаворити за трофејот се Баерн Минхен и Манчестер Сити, а желба на сите на ждребот сигурно ќе биде да се сретнат со Бенфика, иако португалскиот гигант игра одлично во ЛШ цела сезона.

Англичаните се разочарување во оваа европска сезона, по елиминацијата на Арсенал од Спортинг Лисабон, елитното англиско фудбалско друштво останаа да го претставуваат само четири екипи во Европа (Сити и Челси во ЛШ, Манчестер Јунајтед во ЛЕ и Вест Хем во конференциската лига).

Оваа сезона по добро ќе ја паметат Белгијците, кои имаат три клубови во осминафиналињата (Унион Сент Жилоаз, Андерлехт и Гент), што е за прв пат вакво нешто да се случи уште од далечната 1989/90. Тие имаат повеќе пертставници од Германија (два), како и од Франција, која е најголемо разочарување со само една екипа од 24-те најдобри во трите европски купови (Ница во Конференциската Лига).

ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ ЛШ: Реал Мадрид, Баерн Минхен, Манчестер Сити, Челси, Милан, Интер, Наполи, Бенфика.

ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ ЛИГА ЕВРОПА: Мнчестер Јунајтед, Рома, Јувентус, Севилја, Баер Леверкузен, Спортинг Лисабон, Феенорд, Унион Сен Жилоаз.

ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА: Вест Хем, Фиорентина, Ница, Лех, Базел, АЗ Алкмар, Андерлехт, Гент.

Се вчитува...