Депај веќе си бира куќа во Барселона

Одличните игри на Барселона во вториот дел од сезоната придонесоа Роналд Куман да си ги зголеми шансите за останување на клупата на каталонскиот гигант и во наредната сезона. Поради тоа, управата веќе почна да работи на засилувањата што Куман сака да ги доведе на „Камп Ноу“, а на врвот на неговата листа со желби се наоѓа Мемфис Депај.

Холандскиот голгетер и лани беше голема желба на тренерот на Барса, но трансферот од Лион не се реализираше поради сериозните финансиски проблеми на каталонскиот гигант. Сега ситуацијата е поинаква, Депај летово станува слободен играч и ќе може без никаква отштета да пристигне на „Камп Ноу“. Шпанските медиуми тврдат дека Лапорта дури и ја намалил сумата за која Депај преговарал минатата година, но Холанѓанецот се согласил и на помала плата, само за да се пресели во редовите на Барселона.

Депај дури и минал неколку дена во каталонската метропола бирајќи куќа во Барселона, како јасен доказ дека одличниот офанзивец својата иднина ја гледа како дел од овој клуб. Барса начелно го има договорено Кун Агуеро, а со Аргентинецот и со Депај како поддршка за Меси јасно е дека каталонците ќе имаат исклучително моќен офанзивен тим.

Се вчитува...