Дерби-поразот му пресуди: Црвена Звезда го отпушти Бахар, веќе се знае и новиот тренер

Црвена Звезда предолго го толерираше неуспехот на Барак Бахар во ЛШ и во српското првенство, но откако актуелниот првак загуби на денешниот дуел со Партизан беше јасно дека израелскиот стратег мора што поскоро да си замине од клубот ако „црвено-белите“ сакаат да се сериозни кандидати во трката за шампионската титула.

Српските медиуми објавија дека одлуката е веќе донесена, за неа е известен и самиот Бахар, кој не сакаше да даде било каков коментар за својата иднина по поразот од Партизан. Останува да се договорат деталите околу отштетата за предвремениот прекин на соработката, но вќе е јасно дека Црвена Звезда од утре ќе има нов тренер. Како што јавуваат српските медиуми, изборот паднал на Владан Милојевиќ, стратегот што е миленик и на управата и на навивачите, кој два пати ја има внесено Црвена ЗВезда во ЛШ преку квалификациите, при што редовно освојувал и титули на домашната сцена.

Со Милојевиќ начелно е постигнат договор за негово враќање во клубот, но се чека да се официјализира разделбата од Бахар пред овој стручњак дефинитивно да се врати назад на кормилото на српскиот фудбалски гигант.

Партизан со денешната победа се врати на чело на табелата, со само еден бод предност во однос на Црвена Звезда.

Се вчитува...