Дербито скромно и без голови, Работнички ја победи Ренова во Тетово

Вардар и Шкендија ремизираа без голови во големото дерби во Маџари. Вардарци и осми меч последователно не успеаја да слават против Шкендија, а бодовната предност на актуелниот шампион останува 12 бода на врвот на табелата. Немаше многу шанси на дербито, но тензија и прекини секако – да.

Агим Ибраими во 18. минута ја пропушти најубавата можност за Шкендија кога излезе сам пред Гачевски, но шутираше над голот.

Фелипе во 47. минута се закани со шут од 18 метри, но без ефект, а во 68.минута се обиде и Матеј Цветановски од работ на шеснаесетникот, но крај голот.

Работнички успеа да ја добие битката во Тетово против Ренова со 1-2. Сите три гола беа постигнати во второто полувреме. Емил Вијачки во 63.минута најдобро се снајде по корнерот на Петар Петковски и донесе водство за „романтичарите“.

Речиси на идентичен начин во 74.минута реагираше Ермедин Адем по корнер за Ренова и успеа да израмни. Но, Оливер Пеев само две минути подоцна повторно донесе предност за Работнички. Петковски шутираше од десетина метри, Ѓуриќ ја одби топката, а Оливер Пеев постигна погодок.

Во 82.минута, беше досуден сомнителен пенал за Ренова, но Ристо Јанков успеа да го одбрани ударот од 11 метри на Влатко Стојановски.

Шкупи го совлада Силекс со 2-1 и конечно ја прекина негативната серија. Рон Броја во 33.минута и Сухејљ Мухарем седум минути подоцна донесоа предност од два гола за составот од Чаир. Филип Дурански во 51.минута намали на 2-1, но тоа беше се од Силекс на овој дуел.

Во увертирата на финалето на Купот, во Ѓорче Петров, Македонија ЃП и Академија Пандев одиграа 1-1. Даниел Миловановиќ во 45.минута донесе водство за гостите, а Кристијан Филиповски израмни во 65.минута.

Беласица и Победа исто така ремизираа 1-1. Јаник Макота во 61.минута погоди за Победа, а Душан Савиќ изедначи во 73.минута.

ПРВА ЛИГА, 28.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – ШКЕНДИЈА 0-0

РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ 1-2

ШКУПИ – СИЛЕКС 2-1

МАКЕДОНИЈА ЃП – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-1

БЕЛАСИЦА – ПОБЕДА 1-1

Табела: Шкендија 63, Вардар 51, Академија Пандев 47 (-1), Работнички 39, Ренова 36, Шкупи 36, Македонија ЃП 35, Силекс 28, Беласица 24, Победа 20 (-1).

Се вчитува...