Дербито Вардар – Шкендија, меч од висок ризик

Дерби-натпреварот од 28. коло во Првата лига меѓу Вардар и Шкендија е прогласено за меч од висок ризик, објавија попладнево „вардарци“ на својата официјална веб-страница.

Притоа, од раководството на актуелниот вицешампион посочија дека за оовој дуел ќе важат посебни мерки за безбедност, па затоа ќе биде забранет влез на гостински навивачи. Сите гостински симпатизери кои ќе се обидат да влезат на стадионот, ќе бидат вратени, односно нема да им биде дозволен влез на стадионот.

„Влезниците ќе се купуваат исклучиво со покажување на документ за идентификација (лична карта). Ќе важи принципот една лична карта – една влезница. Забрането е внесување на тврди и остри предмети на трибината. Секој посетител ќе биде проверуван од безбедносните служби пред влезот на трибината. Ги повикуваме сите наши симпатизери во недела да дојдат на стадионот и да уживаат во овој дерби меч. Воедно, на оние кои ќе се најдат на трибината на стадионот „Борис Трајковски“, апелираме за коректна и фер поддршка на нашиот тим“ – порачуваат од ФК Вардар.

Натпреварот меѓу Вардар и Шкендија се игра на 14 април со почеток во 16 часот на стадионот „Борис Трајковски“ во скопската населба Маџари.

Се вчитува...