Дербито во Тетово: Шкендија по триумф над „пандевци“, Шкупи ќе чека кикс на тетовци

Бранителот на шампионската круна Шкендија во дербито на денешното 21. коло од Првата македонска фудбалска лига во Тетово ја пречекува Академија Пандев.

Шкендија досега има пет победи во седум последни домашни натпревари со „пандевци“, но секој натпревар е сосема различен, па денешниот може и да биде пресуден околу натамошната трка за шампионската титула ако тетовци не успеат до целиот плен против струмичани.

Еден од најдобрите фудбалери на Шкендија, засилувањето Клинсман Цаке верува дека тимот може до трите бода.

„Имаме добар почеток на пролетната сезона, забележувајќи две победи во низа. Но, најважно е што и во двата меча бевме убедливи и во играта и во резултатот. Тоа влијаеше атмосферата во тимот да биде на највисоко ниво. Сега сакаме до трета победа, без разлика што Академија Пандев е навистина добар тим. Но верувам дека ќе бидеме на посаккуваното ниво и ќе го завршиме натпреварот со три бода“ – вели Цаке.

Шкупи, пак, ќе чека кикс на Шкендија. Чаирчани денеска ја носат фаворитската улога против Тиквеш, но сосема јасно е дека погледите ќе им бидат насочени и кон Тетово.

ПМФЛ – 21. КОЛО (денеска, 14 ч.)

Велес: БОРЕЦ – СТРУГА ТЛ

Тетово: ШКЕНДИЈА – АК. ПАНДЕВ

Скопје: СКОПЈЕ – РАБОТНИЧКИ

Скопје: ШКУПИ – ТИКВЕШ

Битола: ПЕЛИСТЕР – РЕНОВА (одложено)

ВЧЕРА: Македонија ЃП – Брегалница 2-1

Се вчитува...