Дервишевиќ: Нема простор за опуштање, во вториот дел од сезоната мораме да продолжиме како во првиот

Феникс 2010 ја продолжи „бајката на новалиите“ и оваа сезона. Тимот кој доминираше во младинските конкуренции на десетгодишнината од постоењето на клубот се избори за место во „елитата“, а таму настапи како искусен клуб притоа заштитувајќи го домашниот терен во текот на целата полусезона.

Победите над Академија ФМП, Ангели, Гостивар, ТФТ, актуелниот шампион МЗТ Скопје и МЗТ Скопје 2 самите говорат за успешноста на новалијата во првиот дел од сезоната при што се чини дека првичната цел – опстанокот на прволигашката сцена е на дофат, но од клубот апелираат дека и покрај учинокот од шест победи и шест порази сезоната е долга, а изедначеноста на тимовите не носи никаква гаранција за истото.

„Мора да сме задоволни од оствареното во првиот дел. Шест победи во 12. натпревари е нешто што ретко кој во јавноста го очекуваше од нас, но само ние знаеме низ се што поминавме за да стигнеме до нив. Целиот стручен штаб има заслуга за тоа, работиме макотрпно, вложуваме труд и наметнуваме победнички менталитет од првиот ден, а така мора да продолжиме и до крајот на сезоната. Да, на добар пат сме да опстанеме во Првата лига, но пред нас се уште десет натпревари само во регуларниот дел од сезоната. Мораме да бидеме фокусирани и не смееме да се опуштиме. Како што ние успеавме да го победиме МЗТ Скопје така можат и другите тимови од „долниот дел“ да изненадат против фаворититие. Тоа го докажа и МЗТ 2 кој го доби Работнички на гостински терен и мислам дека убаво е за кошарката тоа што имаме конкурентно првенство“, вели за ЕКИПА, Денис Дервишевиќ.

Во историската сезона на прволигашката сцена Феникс 2010 испиша историја и со пласман во Купот на Македонија каде не постојат фаворити, а во кусиот распоред се е можно.

„Местото на Купот можеби е и круна за успешната 2021 година за нас. Бевме дел од Ф4 во конкуренцијата до 14 години, игравме финале во М16, ја освоивме круната во М18, ја освоивме и Втората лига па годината ќе завршеше подобро само ако добиевме уште некој прволигашки натпревар. Успех е да се најдеш меѓу најдобрите осум клуба поготово доколку се земе во обѕир буџетот и играчите кои ги имаат останатите тимови, но ете така се погоди. Направивме добра селекција со странците, променливо, но добро играат и младите, имаме и малку поискусни играчи во клубот и позитивно е што во кус период стигнавме до вакви успеси. Не можам да прогнозирам за што ќе биде таму, сите знаеме какво натпреварување е Купот. Прво мораме да го добиеме Работнички па ако успееме понатаму ќе одиме од ден за ден. Пред се Купот го гледам како добра можност за докажување на младите кои ќе стекнат големо искуство за едно елиминациско натпреварување“

Продолжението од сезоната новајлијата го започнува со дуел против нашиот најтрофеен клуб во кој ќе се обиде да му се реваншира за тесниот пораз на почетокот на сезоната, а формулата која го красеше тимот ќе продолжи да биде адут и до крајот на сезоната.

„Тешко е да се каже што не очекува во вториот дел од сезоната. Видовме дека некои тимови претрпеа големи промени, некои играчи сменија клубови и мислам дека допрва ќе се види односот на силите. Наше е да продолжиме да работиме на начинот на кој работевме до сега, да даваме максимум на секој натпревар и да останеме фокусирани. Отвораме против Работнички кој има промени во составот па повторно како на почетокот на сезоната ќе биде неизвесно. Добро е што играме на домашен терен каде имаме одлична поддршка од публиката и се надевам дека нашите симпатизери повторно ќе ни бидат елан за голема победа“, додава младиот стратег.

Се вчитува...