Десетта „нула“ на Еурофарм во ЛШ: Пораз и на домашен терен од Загреб

Еурофарм Пелистер ја продолжи губитничката серија во Лигата на Шампионите со десеттиот пораз во низа во групната фаза, со минимални 22-23 на домашен терен од Загреб. Во дуелот на двете последни екипи на табелата, македонскиот првак не успеа да најде начин да го совлада хрватскиот шампион, Загреб заслужено победи ако се знае дека водеше од почеток па се до самиот крај, а битолчани ќе мора да почекаат за прва европска радост.

Цврстата одбранбена зона им создаваше огромни проблеми на „пелистерци“ на самиот почеток, па во почетните шест минути игра македонскиот првак постигна само еден гол (1-3). Кризата во нападот продолжи, па Радивојевиќ не реализираше пенал при 2-4 на почетокот од 11. минута. Срна во 12. минута го имаше и второто исклучување на натпреварот, но Пелистер не ја искористи предноста од играч повеќе, прими два гола во овие две минути и се најде во негатива од 3-7, резултат при кој тренерот Ангеловски побара тајмаут.

Хрваскиот првак поведе и со 3-8, но потоа блесна Гедбан на голот на „пелистерци“, запирајќи зицер на Дибиров и овозможувајќи битолчани со два гола во низа да се приближат на 5-8. Кузмановски не реализираше шут за „минус два“, а веќе во следниот напад на Загреб домашниот состав доби две исклучувања, за Кузмановски и за Тајник, по што гостите експресно се вратија на „плус пет“ (5-10).  Мандиќ беше неверојатен на голот на Загреб, со двојната одбрана во 23. минута стигнувајќи до 12 усшени интервенции на натпреварот. Нападот на Пелистер конечно профункционира пред крајот на полувремето, два прекрасни погодоци постигна Петровиќ и предноста на гостите беше намалена на само два гола (9-11). Хратскиот шампион одговори со два гола во низа, пред Пешевски да реализира против одличниот Мандиќ, за конечни по првото полувреме 10-13.

Проблемите во нападот продолжија и во второто полувреме, Еурофарм беше без одговор во првите три минути, па голманот Мандиќ со гол од својата половина ја зголеми предноста на Загреб на 10-14. Веќе во следниот напад следеше нова загубена топка и нов гол во празна мрежа, овојпат преку Моралес за 10-15. Македонскиот првак успеа да се врати пред се благодарение на добрата позициона одбрана и голманот Гедбан, па преку Петровиќ намали на 15-17, веднаш потоа следеше и гол на Тајник за 16-17, по што гостинскиот тренер беше принуден да побара тајмаут. „Зелено-белите“ стигнаа и до израмнување од 18-18, но во најлош момент за Пелистер повторно се разбуди Мандиќ, кој помогна гостите да поведат со 18-20. Ангеловски го побара последниот тајмаут на помалку од три минути до крајот при 19-21, битолчани во три наврати дојдоа на „минус еден“, но немаа сили за целосен камбек, претрпувајќи нов европски пораз.

Гедбан беше одличен на голот со 13 одбрани, во нападот најдобри поединци кај Е. Пелистер беа Кузмановски со осум и Петровиќ со четири погодоци. Најдобар поединец на мечот беше гостинскиот голман Мандиќ со 20 интервенции, додека најефикасни кај Загреб беа Кларица со пет и Кавчиќ со четири постигнати голови.

Се вчитува...