Десетте незаборавни моменти на Коби Брајант

Името на Коби Брајант ќе остане засекогаш запишано како еден од најголемите кошаркари во историјата на овој спорт. По неговата трагична смрт, еве мало навраќање на десетте моменти што ја одбележаа неповторливата кариера на кошаркарскиот великан

 

1. Ибран како 13. пик на драфтот

Во далечната 1996 година, на 26 јуни на НБА-драфтот се појави младо момче од Филаделфија кое имаше само 17 години. Тој беше избран како 13. пик на драфтот од Шарлот Хорнетс. На 11 јули тој беше испратен во ЛА Лејкерс во размена за Владе Дивац, со што почна бајкатата на Коби во дресот на „езерџиите“.

2. Шампион во натпревар за забивање

Во дебитантската сезона во НБА, тој реши да учествува во натпреварот во забивање на олстар викендот во 1997 година во Кливленд. Коби импресионираше, со неколку атракции заслужено стигна до трофејот, станувајќи најмлад победник во ова натпреварување откако во финалето беше подобар од Крис Кар.

3. Првиот прстен со ЛА Лејкерс

Во четвртата сезона во НБА, Брајант веќе важеше за една од најголемите „ѕвезди“ во лигата. Заедно со Шекил О’Ннл создадоа партнерство што беше кошмар за ривалите, па Коби го освои првиот шампионски прстен во 2000 година, повторувајќи го успехот во 2001 и во 2002 година.

4. Неверојатната партија против Торонто

На 22 јануари 2006 година Брајант го одигра еден од најневеројатните натпревари во историјата на лигата, постигнувајќи 81 поен против Торонто. Тоа е второто најдобро индивидуално остварување во историјата на НБА, зад легендарната „стотка“ на Вилт Чембрлен.

5. Промена на бројот – од 8 во 24

На почетокот од сезоната 2007/08, Брајант се реши за промена на бројот, наместо легендарната „осумка“ продолжи да настапува со 24 на грбот.

6. МВП признание

Веќе во првата сезона со 24-ка на грбот Брајант одигра извонредно и стигна до признанието МВП на регуларниот дел од сезоната, единствена ваква награда во блескавата кариера. Таа сезона Брајант во просек постигнуваше по 28,3 поени, 6,3 скокови и 5,4 асистенции по натпревар.

7. Гостин што постигнал најмногу поени во „Медисон Сквер Гарден“

Коби во февруари 2009 година постигна 61 поен на гостувањето против Њујорк, уривајќи го рекордот на Мајкл Џордан од 60 поени како најефикасен гостински кошаркар во „Медисон Сквер Гарден“. Во меѓувреме тој рекорд беше урнат од Кармело Ентони, кој во јануари 2014 година постигна 62 поени за Шарлот на дуелот со Њујорк.

8. Коби и Гасол – за две нови титули

По неколку години „пост“, ЛА Лејкерс повторно покажаа сериозна амбиција откако го доведоа По Гасол. Во првото финале во 2008 година загубија од Бостон, но беа на висина на задачата во 2009 и 2010 година, стигнувајќи до две титули во низа. Брајант беше избран за МВП на финалето и во двете шампионски години.

9. Трет најдобар стрелец во историјата на НБА-лигата

На 14 декември 2014 година Коби Брајант стана трет најдобар стрелец во историјата на НБА, надминувајќи го остварувањето на Мајкл Џордан од 32.292 поени. Коби одигра уште една сезона и ја заврши кариерата со вкупно 33.643 поени зад своето име. Токму синоќа Леброн Џејмс го мина Брајант на оваа ранг-листа.

10. Постигна 60 поени на последниот меч

Во последниот натпревар во кариерата, Брајант на 38-годишна возраст постигна 60 поени на дуелот со Јута Џез.

Се вчитува...