Детали за продажбата на Милан: Клубот се продава за една милијарда евра!

Инвестициски фонд од Бахреин, „Инвесткорп“, е во преговори за купување на италијанскиот гигант Милан. Моменталниот сопственик „Елиот“, клубот го купи во 2019 година за нешто помалку од 90 милиони евра, а сега би можел да заработи десеткратно повеќе.

Сумата која веќе се спомнува како референтна во преговорите е милијарда евра, а инвеститорите од Бахреин немаат проблем да исплатат толкави средства за да го купат клубот. „Елиот“ уште од претходно размислуваше за продажба откако УЕФА покрена истрага за сомнителните врски меѓу Милан и франскиот Лил. Сомнежите се дека „Елиот“ е сопственик и на двата клуба.

Италијанските медиуми од вчера на големо пишуваат за новиот сопственик на Милан, но „Инвесткорп“, „Елиот“ и Милан не сакаат да ги коментираат гласините. Сепак, извор близок до клубот за „Ројтерс“ потврдил дека договорот за продажба е многу блиску да биде комплетно заклучен.

Француски „Л’Екип“ пишуваше за „Инвесткорп“ која е компанија која наводно вреди 37 милијарди долари.

По синоќешната победа на Милан над Џенова од 2-0, техничкиот директор Паоло Малдини изјави дека не ја исклучува можноста клубот наскоро да биде продаден.

„Не знам многу за тоа, но секако дека Милан би можел да биде продаден во иднина. Не знам кога точно ќе дојде тој момент. Сега сме фокусирани само на крајот од шампионатот, и наш основен интерес е само титулата во Серија А, а го имаме пред нас и полуфиналето од Купот на Италија“ – истакна Малдини за ДАЗН.

Се вчитува...