Џабе трипл-даблот на Леброн, Кливленд загуби во Бостон

Леброн Џејмс одигра одличен натпревар во Бостон, стигнувајќи до трипл дабл од 28 поени, 13 скока и 10 асистенции. Сепак, и тоа беше недоволно за Кливленд да триумфира на гостувањето против селтикси, откако домаќините одиграа одлично во самиот финиш и заслужено триумфираа со 103-99. Ајзеа Томас џуниор одигра уште еден извонреден натпревар, постигнувајќи 31 поен, вклучувајќи ги тука и неколкуте прецизни шутеви во последните пет минути од средбата. При водство на Бостон од 101-99 шампионот имаше два напади да израмни, но најпрвин Ирвинг, а потоа и Дерон Вилијамс, не беа прецизни во своите обиди, па селтикси стигнаа до триумф, покажувајќи дека ќе бидат сериозен ривал на Кливленд и во плејофот во Источната конференција.

Хјустон неочекувано лесно и убедливо славеше на гостувањето против Лос Анџелес клиперс со 103-122. „Ракетите“ погодија дури 20 тројки, згора на тоа имаа и 26 скокови повеќе од клиперси, па убедливиот триумф беше неизбежен. Харден со 26 и Андерсон со 23 поени беа најефикасни кај Хјустон, додека Крис Пол оствари дабл дабл од 17 поени и 11 асистенции за домашниот тим.

Сан Антонио во драматичен натпревар славеше со 100-99 над Индијана. Гостите имаа предност од 98-99 на 90 секунди до крајот, но не ги искористија последните неколку напади. Леонард го погоди шутот за победа за „спарси“, комплетирајќи ја својата одлична вечер во која предводникот на Сан Антонио постигна 31 поен.

Резултати НБА: 

Орландо – Њујорк 90-101, Торонто – Вашингтон 96-105, Атланта – Далас 100-95, Мајами – Филаделфија 125-98, Милвоки – Денвер 98-110, Бостон – Кливленд 103-99, Њу Орлеанс – Детроит 109-86, Сан Антонио – Индијана 100-99, Јута – Минесота 80-107, ЛА клиперс – Хјустон 103-122, Сакраменто – Бруклин 100-109.

Се вчитува...